|
Во вториот милениум пред новата ера, кога еламската цивилизација се развивала
напоредно со Вавилон, индоевропските освојувачи & го дале името на големата
Иранска висорамнина каде што се населиле. Зборот “Иран” е изведен од "Ayryna
Vaejo", што значи “Потекло на Аријците”. Тие луѓе биле полуномади, а нивните
потомци биле Меѓаните и Персијците. Меѓаните ја основале првата иранска нација
во седми век пред новата ера; неа подоцна ја уништил големиот Кир. Во шестиот
век пред новата ера Кир го основал она што ќе стане едно од најголемите царства
на стариот свет - Персиското царство. Иран е спомнуван како Персија - тоа е
неговото грчко име - с$ до 1935 година, кога Реза-шах, таткото на последниот
ирански шах, побарал од сите земјата да ја нарекуваат Иран.
Иран бил богат. Поради своето богатство и географската положба тој ги
привлекувал освојувачите. Со Иран често владееле странци - Александар Велики,
арапските соседи од запад, турските и монголските освојувачи. Персискиот јазик и
културата сепак одолеале пред освојувањата. Освојувачите биле асимилирани од
страна на таа моќна култура, та и самите на некој начин станале Иранци.
Во дваесеттиот век Иран влегол во нова фаза. Реза-шах решил да ја модернизира и
позападњачи земјата; едновремено бил откриен нов извор на богатство: нафтата. А
со нафтата дошло и новото освојување. Западот, посебно Велика Британија, извршил
силно влијание врз иранското стопанство. Во текот на Втората светска војна,
Британците, Советите и Американците побарале од Реза-шах да им биде сојузник
против Германија. Меѓутоа, Реза-шах, кој имал симпатии за Германците, го
прогласил Иран за неутрална зона. Затоа сојузниците ја нападнале земјата и ја
окупирале. Реза-шах бил избркан, а го наследил неговиот син Мохамед Реза
Пахлави, кого едноставно го викале Шахот.
Во 1951 година Мохамед Мосадек, тогашниот премиер на Иран, ја национализирал
нафтената индустрија. Велика Британија возвратила така што ставила забрана на
целокупниот извоз на нафта од Иран. Во 1953 година ЦИА со помош на британската
разузнавачка служба организира државен удар против Мосадек. Тој е симнат од
власта, а Шахот, кој претходно беше избегал од земјата, се враќа на престолот.
Шахот владееше до 1979 година, кога од Иран повторно бега пред исламската
револуција.
Од тогаш за оваа стара и голема цивилизација се зборува главно во врска со
фундаментализмот, фанатизмот и тероризмот. Како Иранка која повеќе од половина
од животот поминала во Иран знам дека таа слика е далеку од вистинита. Затоа ми
беше толку важно пишувањето на Персеполис. Верувам дека не треба за целиот народ
да се суди врз основа на злоделата на неколкумина екстремисти. Исто така не
сакам да бидат заборавени оние Иранци кои го изгубија животот во затворите
бидејќи ја бранеа слободата, кои загинаа во војната против Ирак, кои страдаа под
разните репресивни режими или беа принудени да ги остават семејствата и да
побегнат од татковината. Може да се прости, но никогаш не смее да се заборави.
Марџан Сатрапи
Париз, септември 2002
|