Тематите кои се дел од
програмата на фондацијата Next Page Истокот го преведува
истокот продолжуваат со два текста: “Жените, национализмот и
војната: Водете љубов а не војна” од Рада Ивековиќ и
“Политичкиот субјект во современите феминистички теории” од
Даша Духачек.
Текстот на Ивековиќ се обидува да ги открие врските меѓу
радикалниот национализам и општеството структурирано врз
хомосоцијална основа. Ивековиќ укажува на фактот дека
непријателството кон жената е една од првите форми на напад
на “Другоста”, а потоа овој напад се развива во форма на
екстремен национализам. Авторката ги истражува и начините на
кои доминантните машки принципи на моќ користејќи
манипулативни стратегии се обидуваат “женкиот принцип” да го
затворат во форми на идентитет кои само дополнително ќе го
зацврстат патријархалниот модел кој ја легализира неправдата
во однос на жените.
Текстот на Даша Духачек претставува преглед на
феминистичките теории кои проблемот на родовите односи го
разгледуваат од аспект на еден од најпопуларните филозофски
концепти на модерната, концептот “субјект”. Разгледувајќи ги
теориите за субјектот на Лис Иригари, Керол Пејтман, Ненси
Харсок, Рози Брајдоти, Џудит Батлер, Шантал Муф и др.
Духачек прави одличен преглед на ставовите кои во последните
педесетина години не беа значајни само за мејнстрим
филозофијата, туку извршија и силно влијание врз женскиот
активизам и конкретната, политичка трансформација на
општеството.
Даша Духачек
Политичкиот субјект во современите
феминистички теории
Воведот во
проблемите што се поставени во текстовите од овој избор
произлегуваат од следниве општо прифатени почетни точки:
Субјектот е
концепт на модерната филозофија. Се заснова врз
метафизичките системи на 17 век; концептот порасна и го
достигна својот врв на почетокот од 19 век. Излезе дека
процесот на инвестирање во и обезбедување моќ за субјектот
продолжи како по инерција, игнорирајќи ги жалбите и
предупредувањата на 19 век и покрај трезвените реалности што
ги донесе 20 век. Не е потребно да се додаде дека дури и
филозофијата која не беше наклонета кон метафизиката
всушност успеа да придонесе за растежот на субјектот во
модерната ера. Таа беше искористена во процесот со помош на
дискусиите за моќта на знаењето, моќта на уметноста и
креацијата, и на крајот, но не и најмалку важно, моќта на
политичката акција – што ќе биде тема на овој текст.
Теориите за
општествениот договор го препознаа времето на политичкиот
субјект што доправа доаѓаше и затоа ја признаа политичката
зрелост на овој субјект. Модерната политичка филозофија во
најголем дел се потпира врз препоставките за еднаквоста (и
слободата). Заради тоа, теориите за општествениот договор,
независно од разликите меѓу нив, на пример Хобс и Лок, се
спротиставуваат, пред сè, на сите концепти што ги
проблематизираат овие претпоставки, како што тоа го прави
патријархализмот (на Роберт Филмер).
Оддалечувајќи се од овие општи точки, скршнуваме од она што
е несомнено, мејнстрим филозофијата, со цел да го поставиме
прашањето, заедно со Мери Астел (од 17 век), за
препознавањето на зрелоста на политичкиот субјект: “Ако
Апсолутниот суверенитет може да не биде неопходен во
Државата, тогаш како може да биде неопходен во Семејството?
(...) ако сите Луѓе се родени слободни, како може сите Жени
да се родени како робови?”
Прашањето за
политичкиот субјективитет на жената и теориското засновање
на нејзиниот граѓански статус беше поставено. Овие теориски
корени својата историска паралела првенствено ја имаа во
барањата за образование на жените, повремените барања за
економска независност, кои кулминираа со барањето право на
глас. Затоа, теориските расправи одеа паралелно со она што
беше формулирано како “прв бран” во историјата на
феминистичкото движење (19 и почетокот на 20 век). Иако
втората половина на 20 век беше обележана со признавањето на
правото на жените да гласаат во поголемиот број земји во
светот, политичките движења од крајот на шеесетите години го
воведоа почетокот на “вториот бран” на феминизмот.
Теориските
основи за граѓанскиот статус на жените ги поттикна Мери
Вулфстонкрафт кон крајот на 18 век;
но Хариет Тејлор и Џон Стујарт Мил беа оние што повторно го
поставија прашањето на дневен ред и целосно и недвосмислено
јасно ги искажаа теориските аргументи кон средината на 19
век. Втората линија на размислување потекната од друга
традиција, но насочена кон истите цели, во историјата на
феминистичката теорија исто така се појави кон крајот на 18
век, а претставници беа Фурие, доцниот Енгелс (19 век) и
други.
Потребата од
втор бран феминистичко движење теориски ја објави Симон де
Бовоар во книгата Вториот пол од 1949 година;
значењето на ова дело за феминистичката теорија е одредено
од фактот што сепак тоа беше уште еден почеток.
За време на
вториот бран од феминистичкото движење, теориските основи за
женскиот политички субјективитет повторно се појавија
паралено со и како резултат на сите претходно споменати
политички барања. Изборот на текстовите во ова издание треба
да означи некои стожерни точки и дилеми од овој процес.
Некои од
критичните проблеми произлегуваат од фактот што
најсовремената феминистичка теорија е современик на
филозофската постмодерна;
и, повторно навраќајќи се на мејнстримот, субјекот како
основен концепт на модерната филозофија станува загрозен.
Најверојатно ова е причината поради која некои феминистички
теоретичарки сомничаво го поставуваат прашањето: “Зошто
токму во мигот кога толку многу од нас кои биле замолчувани
почнаа да го бараат правото да се именуваат себеси и да
дејствуваат како субјекти, а не како објекти на историјата,
зошто токму тогаш концептот на субјективитетот стана
проблематичен?”
Теоретизирањето
на политичкиот субјективитет е дел и оди во пакет со
дискусиите за прашањата на субјективитетот од кои
произлегува дека нема ставање акцент врз “политичкото”; во
исто време прашањето за политичкиот субјект појасно е
поврзано со барањата на реалноста. Имајќи предвид дека
разликите меѓу овие два плана постојат, текстовите застапени
тука се занимаваат со филозофијата на политичкиот
субјективитет. Може да се тврди дека текстот на Лис Иригари
не припаѓа во оваа одредница, но преведен на нашиот јазик за
првпат, тој е вклучен тука пред сè заради неговата важност,
но и за да се докаже неговото политичко значење.
Во делата
на Лис Иригари, радикалното проблематизирање на филозофската
традиција еволуира во ревалоризацијата на сите вредности. Во
оваа смисла текстот на Иригари не може да се согледува како
интерпретативен, туку како текст што самиот бил предмет на
бројни интерпретации. Насловот, првата реченица, како и
главното тврдење на текстот, сите овие нешта сведочат за
истото: “Секогаш Мажите ја Присвојувале Секоја Теорија на
Субјектот.”
На ова место, Лис Иригари, движејќи се
во рамки на критичката дихотомија на модерната филозофија,
односот субјект/објект, примарно е насочена кон
ре/презентацијата на жената како објект кој секогаш веќе е
спротиставен на субјектот. Токму на оваа точка таа е
најубедлива: “Жената, која била погрешно толкувана,
заборавена, на различни начини изложувана во витрина,
завиткувана во метафори, закопувана... одгледувана... сега
би требало да стане ‘предмет’ кој треба да се истражува...”
Жената нема контрола врз сопствената имагинација, ниту
владее со некој разбирлив говор, таа нема никаква форма и
затоа таа е празнина во секој систем на претставување. “Таа
се спротиставува на секоја соодветна дефиниција. Таа
нема ‘сопствено’ име.”
Користејќи ја психоанализата и сè што како мисла е
најпровокативно во современата филозофија, Л. Иригари
изгради претпоставки за подобро разбирање на “полот кој не е
единствен”.
_________________
Рада Ивековиќ
Жените, национализмот и војната:
“Водете љубов а не војна”
Во текстот ја
анализирам врската меѓу жените и национализмот и тврдам дека
идентитетот на жените и врската со “Другиот” е различна од
онаа на мажите, бидејќи дури и кога жените учествуваат во
национализмот тоа е во помалку насилна форма. Тврдам,
понатаму, дека структурите на национализмот во основа се
хомосоцијални, а непријателството кон жената од сопствената
нација е една од првите форми на напад на “Другоста”, и е
конститутив на “екстремниот национализам”.
Британското
суфражетско движење ненадејно дојде до својот крај кога
гласот на жените како членови на
човечката раса и
жените како означувачи на разликата и на посебноста, стана
историски важен. Ова се случи во
Првата светска војна кога суфражетките станаа работнички во
воените фабрики и беа ослободени од затвор во замена за
“патриотски” став и откажување од феминистичко-суфражетските
активности. Кои беа првите “жени” или членки на “нацијата”?
Како што Џејн Маркус пишува, Првата светска војна практично
го уништи женското движење во Англија, необично огромно
движење составено од жени кои речиси педесет години се бореа
за да се здобијат со политичка правда и еднаквост кога
станува збор за образованието, правото на глас и
законодавството кое се однесува на бракот, разводот,
старателството на децата и работничките права. (Marcus 1989,
129)
Подоцна жените
добија право на глас како награда за нивниот став за време
на војната. Војната и национализмот беа употребени како
аргументи за откажување од феминизмот, со тврдењето дека
жените треба да бираат меѓу феминизмот и воените напори,
меѓу нивниот идентитет како жени и како членки на
националната држава. Ова го подели феминизмот на оние кои ја
задржаа својата пацифистичка позиција и оние кои ја
докажуваа поддршката на своите мажи работејќи во воената
идустрија или возејќи санитетски возила на фронтот. Излезе
дека пацифистичките феминистки се малцинство.
Нешто слично се
случи со падот на социјализмот. Современото феминистичко
движење во некои од поранешните земји од Источна Европа исто
така ја изгуби својата сила заради “поитните” политички
цели. Некои феминистки од Источна Европа беа совладани од
попримарната антикомунистичка ориентација, некои се
вклучија, од повеќе или помалку истата причина, во
отворените националистички движења. Некои феминистки од
Источна Европа останаа порзани со “социјалистичките” идеали
кои можат да бидат агресивно националистички, како во
случајот со Србија, и не се нужно прогресивни. Само мал дел
од феминизмот остана, поделен и независен.
Во исто време,
значаен дел од организираното феминистичко движење и новиот
феминизам се стопи со или всушност ги организираше новите
пацифистички движења во местата каде што националистичките
граѓански војни и војните зе територијално освојување се
водеа или постоеше закана да почнат. И во двата случаи –
Велика Бротанија тогаш, и некои поранешни социјалистички
земји сега – феминистичките движења беа поделени и имаше
потреба од нивна реорганизација.
Многу нешта се
доведени во прашање, не само за жените туку, преку жените, и
за демократијата како таква, особено во земјите од Источна
Европа каде жените ги губат формалните човекови права што ги
стекнаа за време на социјализмот. Статусот на жените во
некои “социјалистички” земји од Источна Европа, како ДДР или
Југославија, формално на многу начини беше подобар од
западните земји, особено во однос на репродуктивните права
на жените, колективните права и социјалната помош за
поддршка на женската работа во семејството. Реалната положба
на жената тогаш не беше подобра на Запад – не може да се
направи споредба – но имаше општа егалитаристичка обврска,
не феминизам во својата намера, од која жените имаа корист.
Сепак, жените во
овие земји, заедно со мажите, беа оние што се согласија со и
го забрзаа падот на социјализмот кој им ги даде овие права.
Жените го сакаа и крајот на социјализмот и останувањето
на правата што социјализмот им ги даде. Проблемот беше
особено видлив во Источна Германија, каде жените жестоко се
бореа да ги сочуваат правата што им беа загрозени со
враќањето на капитализмот.
Освен тоа, во
сегашната војна во поранешна Југославија главно жените ги
организираа пацифистичките движења и локалната хуманитарна
помош. Изгледа дека жените се попацифистички насочени и
претежно жените се тие што ги водат пацифистичките движења
во земјите во кои има војна. Причината за ова делумно лежи
во фактот што мажите се дезертери од војската и затоа не
можат да се се појават во јавноста како активисти, каде што
би можеле да бидат фатени и вратени назад на фронтот.
Сепак, наспроти
фактот што жените одат во војска во помал број од мажите,
тие исто така, без да се свесни за тоа, земаат учество во
војната бидејќи самиот систем, и неговиот симболички
поредок, ја поддржува воената политика и е наклонета кон
доминантната група, а тоа во историјата биле мажите. Исто
така, доминантниот род ги дефинира “интересите” на војната,
иако за овие интереси се смета дека се родово неутрални и
универзални (“човечки”). Она што социјално послабиот може
добро да биде искористен од државата на негова штета. Во
текстот што следи ќе биде прикажано како војната во
поранашена Југославија на неколку значајни начини е судир на
“братството” а не на “сестринството”.
|