Nazad na prva strana

 

МАРГИНА бр.76

Едуард Лимонов

Едуард Лимонов
раскази

 
Трите раскази што тука ги објавуваме во Маргина преставуваат прво појавување на Едуард Лимонов на македонски јазик.
Авторот кој во последните години повеќе е во центарот на вниманието заради своите политички ставови и акции (претставуван како националистички писател и политички дисидент чии идоли се Јозеф Сталин и Микаил Бакуњин), отколку заради вредноста на книжевните дела, всушност е писател кој постојано инспирацијата и темите за своето творештво ги црпи од својот живот. Затоа кога станува збор за неговите раскази и романи, речиси е невозможно да се одреди што во нив е факт, автобиографија, а што фикција.
Станува збор за цинична проза која светот што го опишува го зачинува со огромно количество горчина.



 

Тихиот Океан, Pacific Grows

 

Девојката Бетси Карлсон беше Американка со шведско потекло. Нејзиниот татко се застрелал со пушка на голф терен. Десетина години, или можеби нешто повеќе од тоа, на истото место и на ист начин се застрелал нејзиниот брат. Бетси Карлсон предаваше руски јазик во военото училиште во Монтереј, а живееше триесетина километри од Монтереј, во местото наречено Pacific Grows. Пролетта 1981 година дојдов од Париз во Лос Анџелес, каде што во Универзитетот на Јужна Калифорнија се одвиваше огромна конференција на слависти, беа поканети осумдесетина учесници. Јас бев ѕвездата на конференцијата: мојата книга Тоа сум јас, Едичка беше тема на четворицата од шестмината професори што настапија првиот ден од конференцијата. По завршетокот на конференцијата со пријателите, писателот Саша Соколов и неговата девојка Керин, заминавме на север, тие живееја токму во Pacific Grows. Нивниот изнајмен стан беше мал и затоа ме сместија кај Бетси; таа живееше во голем стан на сметка на военото училиште. Или самата го беше најмила. Како и да е, првата ноќ ја минав кај неа, во нејзиниот ливинг рум, останав наредната ноќ и дури шесттата, внимавајте на овој детаљ, се најдов во спалната, во нејзиниот кревет. Зашто Елизабет беше одлична, по малку старомодна девојка, голем верник. Имаше три Библии во станот! Можеби токму затоа се застрелал татко ù  и брат ù?

Бетси имаше големи шведски гради. Ние си се допаѓавме еден на друг и сега, гледајќи од прозорецот на затворот во „Лефортово”, жалам што не се оженив со неа; би имале четири или можеби дури шест високи русокоси деца. И можеби тогаш не би се нашол во затвор, обвинет за набавка на оружје на големо и за создавање организирани групации. Би пишувал и би објавувал книги за луѓето како Лимонов, само на англиски јазик.

Со Бетси го поминав летото 1981 година. Крајот на мај, јуни, јули, а можеби дури и август, веќе не се сеќавам. Кај неа се здебелив; секој викенд, а некогаш и двапати неделно одевме во супермаркет и нејзиниот син автомобил возеше десетици, ако не и стотици килограми храна.

Рано наутро заминуваше со својот автомобил во училиштето, додека јас седнував да пишувам. Во големата сончева барака, а понекогаш излегував на терасата со мојата машина за пишување. Во 13 часот Бетси доаѓаше за сиеста, набрзина приготвуваше некое мексиканско јадење, на пример, кокошка во сос од лимони. Сè имаше убава боја, беше луто на вкус и служено во убави садови. Потоа одевме во спалната, таа седнуваше врз мене, секогаш срамејќи се, јас го галев нејзиниот голем задник, над мене како моќни плодови висеа нејзините шведски гради. Потоа таа, плеткајќи се во алиштата, се облекуваше, го навлекуваше погледот на строга учителка и одеше да ги школува тапоглавците во униформа. А јас ја земав тетратката и одев до Тихиот океан. Покрај негуваните цветни леи, покрај месните гробишта, одев до дивата плажа. Најчесто ќе се сместев на парчето песок покрај огромната карпа што штрчеше од водата на десетина метри од брегот, и лежев во пеколната жештина. Долго, колку што можев да издржам. Потоа одев до карпата и се нурнував во ледената вода. Работата е, што покрај брегот тече студена морска струја во насока кон заливот на Монтереј. Паметните шпански гувернери своевремено токму затоа го одбрале Монтереј како главен град на областа, зашто овде пеколната горештина се смирува со таа струја. На тоа место честопати се случуваше да се насукаат јата риби, не можејќи во осеката да го пронајдат излезот од лавиринтот на камења и тогаш нив, сè уште живи, ги јадеа галеби: одвратни смрдливи птици кои, патем речено, се хранат со мрши, птеродактили меѓу мршојадците. Имам видено премногу од тие одвратни птици, песните за нив се испеани од оние кои ги немаат видено како ја глодаат мршата.

Целиот брег беше прекриен со мрежа од дебело растение што крцка под нозете, наречено ice plant: овој паразит, што без покана стигнал во Калифорнија од далечната Африка, има прекрасни цвеќиња и неверојатна животна сила. Видов како само во текот на неколку седмици дебелките зелени стебла на ice plant го освоија слободниот простор на песокот и на камењата. Мислам дека ова растение како вампир го цица брегот, длабочинските сокови од него. Каде притоа исчезнуваа конкурентите на ice plant – тоа не ми е познато. Наоѓајќи меѓу камењата празни лушпи од краби (лесно беше да се забележат живите во водата) јас бев во недоумица: дали галебите или дојденците од Африка се тие што ги јадат крабите? Но, освен двете погоре спомнати групи мршојадци, кои како скакулци го опустошуваа брегот, имаше и трета напаст. Брегот беше изроварен од опашести глодари, што во исто време наликуваа на верверички и на стаорци. Нивните дупки беа огромни, ги имаше во огромен број и повремено се покажуваа смрдлиците жители на дупките, кои исправени во цел раст ме набљудуваа. Очигледно е дека под земјата, оваа колонија имаше создадено цел систем на тунели. Дупките смрдеа.

Така што природата, на прв поглед мирна, со небо без облаци и со боја на акрилик, жолто-зелениот брег, со тревата и со белите птици, што само ако се погледнеше поблиску се претвораше во бојно поле и во гробишта, каде што слабите умираат, а на силните им се дуе стомакот.

Мир немаше никаде. Кога некој двоножец случајно ќе навлезеше на мојата територија, неволно ја испружувув раката кон каменот. Подоцна почнав да носам метален стап. Додека одам да ја гледам слатката јужна природа. На брегот на Тихиот океан.

Дали сум мечтаал за нешто на брегот на Тихиот океан? Не се сеќавам. Во секој случај, го правам првиот чекор. Потоа вториот. Ја напуштам Бетси Карлсон со нејзиниот бел голем задник и со прекрасните гради. Заминав за Њујорк, а оттаму во студениот сив Париз. Каде што ги проголтуваат луѓето, но барем е интересно. Сум одбрал погрешна судбина.

 

Превод од руски: Павел Попов

 [дома]  [on-line архива]  [печатено издание]