Nazad na prva strana

 

МАРГИНА бр.78

Соња Лихт и Слободан Дракулиќ

Соња Лихт и Слободан Дракулиќ
Кога зборот миротворец значеше жена: Војната и родот во поранешна Југославија



Вовед

  Жените имаа значајна улога во рамки на анти-воените движења и пацифистичките кругови низ историјата, дури и кога војните на кои им се спротивставуваа во голема мера беа сметани за свети, како на пример во Средниот век.[1] Поблиску до нашево време, постоеше големо присуство на жените во пацифистичките и анти-воените движења на 19 и на 20 век. Конечно, значајната доминација на жените во мировните движења на различните страни вклучени во југословенската војна – во Белград, Загреб и Сараево – беше една од позабележливите карактеристки на овој конфликт.

 Патријархатот и феминизмот во Југославија

 Војната сè уште останува машки стремеж, иако голем број мажи ги избегнуваат воените обврски или дезертираат од војската во сите војни. Така, војната е, претежно, но во никој случај исклучително, и се разбира не биолошки, машка работа. Излегува дека колку машка ќе биде некоја конкретна војна ќе зависи во голема мера од моќта и патријархалните вредности во културата на општествата кои се вовлечени во конфликтот. Колку се појаки патријрхалните траги во културата, толку е поголема веројатноста и ставовите на нејзините членови да бидат повоинствени.

Овие патријархални траги нееднакво се распределуваат меѓу социјалните слоеви, етничките групи и родовите. Во предвоена Југославија, патријархалните вредности продолжуваа да се задружуваат поистрајно меѓу мажите отколку меѓу жените.[2] Во последните години од постоењето на Југославија, многу жени всушност се карактеризираа со помалку или повеќе несвесен феминизам кој, пред 80-тите години на 20 век, само некои од нив можеа да го артикулираат. Овој вид феминизам можеше да се забележи во повеќето источноевропски земји, но особено во Југославија, каде што женската еманципација отиде подалеку и засече подлабоко отколку во повеќето источноевропски земји.  

            Овој генерички феминизам, во голема мера произлезе од амбивалентната природа на југословенскиот комунистички режим од периодот меѓу 1945-1990 година, кога еманципацијата на жените беше во голема мера идеолошка, како и многу други прогласени еманципации под комунистичка власт. Таа опфаќаше скапоцена мала фактичка и значајна еманципација од преткапиталистичкиот или квази капиталистичкиот патријархат. Во секој случај, дури и таа дубиозна еманципација направи жените да почувствуваат дека се барем декларативно еднакви со мажите, еднакви во смисла на политичките и правните принципи. Во овој контекст, жените можеа да бидат споредувани со работничката класа: и жените и работниците беа потчинети и експлоатирани, додека во принцип, тие беа или требаше да бидат еднакви со сите други граѓани.

Но жените често беа релативно еднакви со мажите во износот на платите и често дури и во видот на професиите што ги работат. Подоцнежното изедначување понекогаш беше оценувано на дебати во врска со тоа дали жените би требало да бидат подеднакво застапени меѓу возачите на трактори или управувачите на локомотиви. Присуството на делумно декларативни и делумно кокретни точки на еднаквост создадоа општ впечаток дека жените не беа толку еднакви, и широко распространето убедување дека тие би можеле релативно скоро да станат еднакви со мажите и во реалноста. Така, имавме мешавина од декларативни и реални еднакви можности во поранешна Југославија.

Во овој контекст, Југославија беше сосема поинаква од многу други земји, вклучувајќи ги и оние од Западот. Мажите во поранешна Југославија добиваа големи приходи и имаа поголеми предуслови за живот од жените. Меѓутоа, ако се погледнат универзитетите и многу други домени од социјалниот живот, очигледно е дека жените имаа некоја основа да изградат впечаток дека биле еднакви со мажите. Ова беше првиот, социополитички преудслов за женската надмоќ во анти-воените движења во перидот меѓу 1991-1995 година.

Друг предуслов беше постоењето на самосвесен феминизам кој ја издвои Југославија од другите источноевропски земји. Иако постојат фактички основи за лоцирање на почетоците на последниот бран од југословенски феминизам во раните 70-ти[3], годините 1978 или 1979 година се општоприфатени како почетоци на самосвесниот феминизам во поранешна Југославија.

Првата феминстичка конференција во периодот по Втората светска војна беше одржана во Белград во 1978 година, на која се сретнаа горчливото противништво на Лигата на комунистите и официјалната женска организација во тој миг.[4] Конференцијата имаше интернационален карактер, собирајќи на едно место претставници од западните земји како и од цела Југославија. Во 1979 година, југословенските феминисти ја формираа својата прва организација “Жената и општеството”, која почна да функционира како една од секциите на Социолошкото здружение на Хрватска. Тоа беше единствениот начин што феминистиките успеаја да го изнајдат за да можат да ги легализираат и озаконат нивните движења.[5] Меѓу првите членови на групата беа Весна Пушиќ[6], Весна Колариќ[7] и Весна Кесиќ,[8] која беше активна во борбата за човекови права и анти-военото движење на Хрватска. Весна Пушиќ беше првата регуларна претставничка на она што колоквијално ќе стане познато како “Женска секција”[9] во склоп на Социолошкото здружение на Хрватска. Бидејќи либералниот устав на ова здружение промислено им дозволуваше на сите граѓани на Југославија да станат членови на нивните секции, феминистките од целата земја набрзо се приклучија.[10] До почетокот на 80-тите години на 20 век, оваа секција имаше повеќе членови од неговата формална родителска организација, и тие доаѓаа од сите животни патеки, вклучувајќи и некои жени од работничката класа. Многу од нив потекнуваа од другите југословенски републики, главно од Србија.[11] Иако постоеја и други феминистички иницијативи во Југославија во тоа време, оваа беше најистакната.

Како и интернационалната феминистичката конференција одржана во Белград во 1978 година, “Жените и општеството” веднаш се соочи со анимозитетот на режимската “Женската конференција за социјални активности на жените”. И покрај тоа, првата пост-1945 феминстичка организација продолжи со својата дејност, додека нејзината бесконечна полемика со југословенското женско чиновништво претставуваше барем некаков вид отворен, ако не политички, дијалог.

Овој дијалог со феминизмот иако беше во форма на активен конфликт, не се случи во отворена форма во Источна Евроа и Русија сè до доцните 80-ти години на 20 век.[12] Феминизмот беше апсолутно нечист збор на територијата на целиот регион; во Југославија, тој беше релативно нечист збор. Жените кои се декларираа како феминистки беа дел од јавниот културен живот и дури имаа некаква институционална легитимност зад себе во Југославија.[13] На тој начин, тие можеа да го промовираат феминизмот и како социолошка теорија и како поглед на свет. Ова беше вториот, културно-политички предуслов за женската надмоќ во рамки на мировните движења во 90-тите.

Третиот, социо-психолошкиот предуслов, беше подеднакво значаен. Наш впечаток е дека жените имаа стекнато повеќе страв од распадот на Југославија отколку мажите. Ова би можело да се доведе во врска со женската сè уште многу поголема улога во семејството, точката во која меѓуетничкиот конфликт напаѓаше со осветољубивост. Неговата примарна цел беа таканаречените етнички мешани семејства кои ги претставуваа повеќето од петте проценти од Југословените кои не се доживуваа себеси и своите деца како членови на конкретни етнички групи, туку како Југословени. Во пописот од 1981 година[14] овие (не)етнички Југословени беа вкупно 1.2 милиони.[15]


[1] Жените се појавуваат како значаен фактор во средновековниот отпор против крстоносните војни, како што можеме да видие кај Palmer. A. Throp, Criticism of the Crusade: A studu of Public Opinion and Crusade Propaganda, Amsterdam: N. V. Sweets & Zeitlinger,1940.

 [2] Жените се појавуваат како значаен фактор во средновековниот отпор против крстоносните војни, како што можеме да видие кај Palmer. A. Throp, Criticism of the Crusade: A studu of Public Opinion and Crusade Propaganda, Amsterdam: N. V. Sweets & Zeitlinger,1940.

 [3] Иако не постојат индикации дека квази-патријархалната воинственост може да биде понагласена меѓу припадници на пониски социјални слоеви, и дека некои етнички групи ги штителе повеќе од други, таквите прашања ќе ги оставиме настрана од нашава студија.

[4] Во 1972 година, група наши жени ја одржаа првата феминистичка средба во Југославија за која имаме податоци; дел од групата беа Гордана Церјан (сега Летица) и денес покојната Лидија Склевицки, но не сме сигурни кои биле другите две членки.

[5] Именувана, со типична бирократска неимагинативност, како Конференција за општествена активност на жените, наследничка на поживиот Антифашистички фронт на жените, женска организација во склоп на анти-нацистичкиот националноослободителен фронт, предводена од југословенските комунисти за време на Втората светска војна.

[6] Весна Пушиќ, која предава социологија на Универзитетот во Загреб, е една од основачите и уредниците на “Еразмо”, независно академско гласило кое ги презентира гледиштата кои му се спротивставуваат на екстремниот националистички хрватски режим на претседателот Туѓман.

[7] Психолог по струка, една од загрепските “жени во црно”, и членка на Социолошкото здружение на Хрватска. Нејзиниот покоен сопруг, Руди Супек, беше претседател на Социолошкото здружение на Хрватска кога беше основано “Жените и општеството”.

[8] Новинарка и феминстка, прв основач на “Бабе” или Баби, можеби една од најинтересните феминистички групи во Хрватска денес. Името е акроним за Биди активна Биди еманципирана”, што во словенските јазици значи стари жени, баби, бабишта.

[9] Женска секција на српско-хрватски.

[10] Меѓу нив беше Жарана Папиќ, една од првите организатори на интернационалната феминистичка конференција одржана во Белград 1978 година. Оваа професорка по социолгија од Белград, исто така беше активна во анти-военото движење во 90-тите.

[11] До средината на 80-тите години во секцијата членуваа околу 400 феминистки vis-à-vis можеби 200 членови на здружението. До ова дојде поради тоа што членовите на секциите не мораше да бидат членови и на самото здружение.  

[12] Во Русија, во доцните 70-ти беше потисната една рана паралелна група и нејзините членови беа принудени да ја напуштат земјата.

[13] Како секција на Социолошкото здружение на Хрватска, “Жените и општеството” можеше да одржува конференции и состаноци. Тие исто така имаа право да ги користат просториите (стара куќа во предградието) на факултетската асоцијација на загребскиот универзитет и дел од скундите фондови на социолошкото здружение, во случаите кога немаше да бидат задржани од страна на хрватското министерство за култура и образование.

[14] Ружа Петровиќ, “Етнички мешовити бракови во Југославији ќ (Београд: Инситут за Социолошка истраживања Филозофскот факултета у Београду,1985,), стр.26.

[15] Овде ќе наведеме дека Југословенскиот државен статистички завод не ги охрабруваше граѓаните на Југославија да се декларираат како Југословени. Американските и канадските статистички службеници на сличен начин ги демотивираат своите граѓани од мултиетнички федерации да не ја прикриваат својата етничка идентификација со својата националност. Кога би го направиле тоа, може да се случи релативно нова религија (на пример, Сиките) да биде признаена како етницитет, но не Американци или Канаѓани зашто постои практична забрана за создавањето на овие два етницитета.

 [дома]  [on-line архива]  [печатено издание]