|
Денес, во време
на последователни брзи промени, мислата е, повеќе од кога и
да е, изложена на искушението да “изгуби осет”, претпазливо
напуштајќи ги старите поимски координати. Медиумите нè
бомбарадираат со потребата од напуштање на “старите
парадигми”: за да преживееме, мораме да ги промениме
повеќето фундаментални претстави за личниот идентитет,
општеството, животната околина и сл. Мудроста на
Њу Ејџ движењето тврди дека влегуваме во нова
“постхумана” ера; психоаналитичарите брзаат да признаат дека
едиповската матрица на социјализација повеќе не е
оперативна, дека живееме во времиња на универзализирана
перверзија, дека нашево слободоумно време нема корист од
концептот за “потиснување”; постмодерната политичка мисла ни
кажува дека влегуваме во постиндустриско општество, во кое
старите категории за труд, колективност, класи итн., се
теориски зомбија, кои повеќе не се применливи на динамиката
на модернизацијата... Идеологијата и политичката практика на
Третиот пат се, ефективно, моделот на овој пораз, на оваа
неспособност да се препознае дека Новото е тука за да
оневозможи Старото да преживее. Наспроти ова искушение
подобро е да се следи ненадминливиот пример на Паскал и да
се постави тешкото прашање: Како да му останеме верни на
Старото во новите услови? Само на овој начин можеме да
генерираме нешто ефективно Ново.
Хабермас ја
означи актуелнава ера како ера на neue Uniibersichtlichkeit
- новата непропустливост.
Повеќе од кога и да е, нашето секојдневно искуство е
мистифицирано: модернизацијата создава нови опскурантизми,
ограничувањето на слободата ни се сервира како доаѓање на
нови слободи.
Денес, во
времето на “ризично општество”, владејачката идеологија
настојува да ни ја продаде истата несигурност, предизвикана
од раслојувањето на
општеството на бесплатни социјални услуги, како
можност за нови слободи. Морате ли да менувате работни места
секоја година, засновани на краткотрајни договори наместо на
долгорочна стабилна служба? Зошто тоа да не се сфати како
ослободување од ограничувањата на фиксната работа, како
можност за одново и одновно себесоздавање, за стекнување
свесност и реализација на скриените потенцијали на вашата
личност? Повеќе не можете да се потпрете на стандардот за
здравствено осигурување и планот за пензија, за да можете да
тежнеете за дополнително покритие за кое морате да плаќате?
Зошто тоа да не се сфати како дополнителна можност за избор:
или подобар живот сега или долгогодишна сигурност? А ако
оваа непогодност ви создава немир, постмодерниот или
идеологот на “втората модерност” веднаш ќе ве обвинат дека
не сте способни да претпоставите целосна слобода, за
“бегство од слобода”, за незрело приврзување кон старите
стабилни форми…
Уште повеќе,
кога ова ќе се впише во идеологијата на субјектот како
психолошка индивидуа обременета со природни способности и
тенденции, тогаш себноста, како по автоматизам, ги толкува
сите овие промени како резултат на мојата личност, не како
резултат на тоа што се
наоѓам растргнат од страна на пазарните сили.
Во овие услови,
човек треба да биде особено претпазлив да не направи забуна
меѓу владејачката идеологија и идеологијата која се чини
дека е доминантна. Повеќе од кога и да е, треба да ја имаме
на ум опомената на Волтер Бенјамин дека не е доволно да се
постави прашањето како една теорија (или уметност) се
изјаснува по однос на општествените борби, туку треба и да
се запрашаме како таа ефективно функционира во самите овие
борби. Во сексот, хегемонскиот став не е патријархална
репресија, туку промискуитет; во уметноста, провокациите во
стилот на познатите сензационалистички излагања се норма,
пример за уметност целосно интегрирана во естаблишментот.
Затоа се наоѓам во искушение да ја извртам тезата на Маркс
11: денес, прва и основна задача е токму да не му
подлегнеме на искушението да дејствуваме, директно да
интервенираме и да ги менуваме нештата (што во тој случај
неизбежно завршува во cul de sac на намерна невозможност:
“Што може да се прави против глобалниот капитал?”), туку да
ги ставиме под знак прашалник хегемонистичките идеолошки
координати. Ако денес човек го следи директниот повик за
дејствување, ова дејствување нема да биде изведено во празен
простор, ќе биде изведедено во рамките на
хегемонистичките идеолошки координати, оние кои “навистина
сакаат да сторат нешто да им помогнат на луѓето” стануваат
дел од (несомнено искрени) подвизи како Medecins sans
Frontieres, Greenpeace, феминистички и антирасистички
кампањи, кои не само што се толерирани, туку дури и
поддржани од медиумите, дури и ако навидум влегуваат на
економска територија (да речеме, пријавувајќи и бојкотирајќи
компании кои не ги почитуваат еколошките услови или кои
експлоатираат детска работна сила), се толерирани и
поддржани сè додека не дојдат премногу блиску до одредена
граница.
Да земеме за
пример две доминантни теми во денешниот американски
радикален академизам: постколонијалните и квир
(хомосексуални) студии. Проблемот на постколонијализмот е
несомнено круцијален; сепак, “постколонијалните студии”
имаат тенденција да го преведат во мултикултурална
проблематика на правото на колонизираните малцинства да го
раскажат “своето искуство на жртви”, на моќните механизми
кои ја потиснуваат “другоста” за, на крајот на денот, да
сфатиме дека коренот на постколонијалната експлоатација е
нашата нетолерантност кон Другиот, и уште повеќе, дека
самата оваа нетолеранција е вкоренета во нашата
нетолерантност кон “Странецот во самите нас”, во нашата
неспособност да се соочиме со она што сме го потиснале во
нас. На тој начин политичко-економската борба незабележливо
се пренесува во псевдо-психоаналитичка драма на субјектот
неспособен да се соочи со своите внатрешни трауми.
Вистинската расипаност на американскиот академизам не е
примарно финансиска, тие не само што се обидуваат да купат
многу европски критички настроени интелектуралци (меѓу кои
спаѓам и јас - до некоја мера), туку концептуална: идеите на
“европската” критичка теорија незабележливо се преведуваат
во бенигниот универзум на елегантноста на културолошките
студии.
|