|
Веќе подолго
време европските земји се соочуваат со прашањето како да ги
третираат своите културни малцинства. Последните настани во
Франција и Германија ја истакнаа важноста за подобро
разбирање меѓу муслиманските заедници и француското
мнозинство, како и за прашањето за политичкиот и граѓанскиот
статус на културните разлики. Муслиманските интелектуалци во
Франција (на пример, во последно време Тарик Рамадан)
истакнуваат дека е важно муслиманската култура да биде
достапна за француските ученици, а не само француските и
западните традиции да бидат достапни за арапските деца.
Земјите од Централна и Источна Европа со векови се соочуваат
со прашањата поврзани со “културниот превод”. Во мојата
земја, Хрватска, не постои проблем со јазичниот превод кога
станува збор за нашите најинтересни соседи и малцинства –
Србите и Бошњаците – бидејќи повеќе или помалку јазикот е
заеднички (три дијалекти на еден ист јазик, или блиски
разграноци на исклучително слични јазици, како повеќе
сакате); но, постои огромен проблем со политички насочениот
заборав во врска со она што луѓето го знаат за религиската и
историска позадина на другите, како и проблемот на создавање
незаинтересираност кај генерациите што доаѓаат.
Инспириран од
овие проблеми, ќе го користам концептот “взаемен превод” во
многу широка смисла. Дозволете ми да разлачам две употреби.
Ќе зборувам за “интеркултурна компетенција”, со прецизно
значење компетенција во “взаемниот превод”. Личност од
културата А е интеркултурно компетентен во релација со
културите Б и В ако може да “функционира” во А, Б, В и ако
разумно добро може да ги препознава сличностите и разликите
меѓу тие три култури; особено, да ги препознава поединостите
во Б и В кои се доволно аналогни со оригинално познатите
поединости од нејзината првична култура А. Исто така, ќе
зборувам за “взаемен превод” повеќе во метафорична смисла,
при што тоа ќе ги опфаќа сите видови успешна културна
интеракција. Во врска со двете значења, ќе се насочам на
политичките аспекти на интеракцијата меѓу културните групи,
мнозинствата и малцинствата во државата. Дали ваквата
интеракција е прашање на избор или таа треба да биде
промовирана со политички средства? Која форма треба да ја
земе? Канадскиот филозоф Мишел Сејмор предложува разликување
меѓу културна структура, опкружувачки институции и културен
карактер.
Ќе се согласам со неговиот предлог и содржината на
меѓукултурната интеракција - превод ќе ја користам како
водич во структурата: политичките институции треба да бидат
структурирани за да овозможат слободен проток на
интеркултурни содржини.
Точна е
претпоставка дека проблемите поврзани со интеркултурниот
превод се засенети од инсистирањето на “неутрална национална
граѓанска култура”. Затоа ќе почнам со куса критичка
дискусија за предлогот во духот на концепција што ја
формулираше Алан Финкелкро. Ќе ја искористам како основа за
развивање алтернативен предлог. Потоа ќе поминам на
мултикултурна, или пост-национална алтернатива, која го
претставува интеркултурниот превод како модел за и на
прсила на политичките институции. Исто така, накусо ќе
воведам размисли за конфликти меѓу групи од социјалната
психологија, која е склона интеркултурната интеракција да ја
согледува како средство за избегнување на недовербата и
предрасудите.
Илузијата на
неутралната “национална култура”
Би сакал да
почнам со она што изгледа дека е пожелен пат за справување
со прашањата поврзани со мултикултурализмот. Финкелкро го
осудува она што тој го гледа како двојна опасност од
идентификувањето на културата и од површниот космополитизам,
а во исто време промовирање на правата на малите нации
(проект што го направи славен во мојата земја, Хрватска).
Критикувајќи го документот на УНЕСКО, кој тврди дека
културниот идентитет е живото јадро на личниот идентитет,
тој ги образложува последиците од ова стојалиште на следниов
начин: “Повеќе е важен идентитетот на групата отколку
автономијата на личностите, целта на образованието не е на
личноста да & обезбеди средства за пробивање низ огромното
количество верувања, мислења, пракси и здобиени идеи што го
прават неговото или нејзиното наследство, туку спротивно, да
ја потопи личноста во овој океан, целосна да ја нурне во
него.”
Тој е многу цврст во отфрлувањето на концептот на
идентитетот: политиката и образованието не треба да бидат
вклучени во промоцијата на групниот идентитет, туку
напротив, треба да бидат претворени во универзални
вредности.
Втората замка во
која е уловена современата култура е двојната замка на
површниот космополитизам: “Нашата планета на различност
многу добро може да биде одредена преку идејата за
отвореност; ништо не ги спречува нејзините жители со ист
ентузијазам да уживаат во кускус, паеља, суши, тортиљи или
чили; исто така, тие можат да носат иста облека произведена
во Тајван, да ги слушаат ариите на Верди во изведба на
Маорска принцеза на јапонско стерео, да го вкусуваат
необичното, да го слават Хеловин, Кинеската нова година и да
се свртат кон техниките на ориенталната медитација, нивните
страсни души никогаш не се соочуваат со нешто што веднаш не
можат да го асимилираат и да го направат дел од себе.”
Во тој случај, каде лежи решението? Каде можеме да го
најдеме местото што ја избегнуваа оваа двојна опасност?
Критикувајќи ја политиката на идентистетот, Финкелкро тврди
дека “националната култура” го дава лекот: “Затоа културата
едноставно и чисто станува супстанца на идентитетот, а
образованието прашање на комуникација, преговарање и
дијалог, на штета на концепцијата на културата, на која
нацијата премногу долго беше се потпираше. Тоа е така
бидејќи се наоѓаме во средиштето на префрлање на
парадигми... бидејќи ја изгубивме почетната концепција на
културата – концепција неразделива од нацијата...”
Во ова
стојалиште, концепцијата на културата вткаена во нацијата е
“национална култура”, која не се базира врз идентитетот.
Нејзиното значење можеме да го откриеме од пасусот што
погоре беше цитиран: целта на образованието би требала да
биде во создавање способност за критичко распознавање на
големата заплетканост од верувања и предрасуди што формираат
нечие наследство.
Тука се појавува
проблемот: Зошто ваквото критичко, рефлексивно и
универзалистичко образование би требало да биде “интристично
на националната култура?” На што националното се однесува?
Финкелкро тврди дека “нацијата” “долго време ја користела”
ваквата култура. Точно е дека во разни земји се учи
универзалистичката и критичка култура, но дали ова
предизвикува нацијата да биде средство на ваквата
култура? Во истите училиште во голем обем се предава
математика, но дали ова нацијата ја прави средство на
математиката? Од друга страна, националните култури
се базирани врз националните културни идентитети. Сега
Финкелкро не може многу добро да одговори дека тој зема
предвид една посебна нација, на пример француската, која е
наводно исклучок заради своето отсуство на културен
национализам. Тој е многу повеќе заинтересиран за малите
нации, кои со право ги гледа како нации кои се на исто нив
со големите, историски нации. Па, што тој им предложува на
своите драги Чеси, Хрвати, Словаци?
Тука се појавува
дилема. Ако предложува ние (тие) да се насочиме кон своите
национални култури, тој тргува со истите добра
базирани врз идентитетот за кои е толку заинтересиран да ги
осуди. Во сите овие земји, националната култура е култура на
етно-нацијата, еден период. Уште поважно, сите национални
култури се специфични. Изгледа дека Финкелкро е свесен за
ова: тој го фали Монтењ кој повеќе сака човештвото да го
согледува како своја татковина, но над сè го фали Ренан за
изјавата дека “предност пред француската култура, пред
германската култура, пред италијанската култура, има
човечката култура”.
Ова значи дека според Финкелкро постои разлика, дека
национално неутралната “човечка култура” не е иста со
националната култура, и е поважна од неа. Изгледа дека си
противречи на себеси.
Од друга страна,
ако предложува да се ослободат од културата насочена кон
идентитетот, тој би требало да предложи универзалистичски
поглед на културата, можеби некако наклонет кон домашните
авотри, но во основа не-локален. Ова е многу блиску до
космополитизмот, разликата е повеќе терминолошка
(“универзум” наместо “космос”) отколку суштинска.
Заклучувам, привремено, дека неговиот пат за излез е
ќорсокак. Не постои култура која истовремено е неутрална
и национална. Р. Полин е прилично во право кога тврди
дека “нацијата извира од внимателното толкување на многу
посебен тип култура”.
|