Нешто Друго
Кетрин Кејв - Крис Ридел

 
Сликовницата Нешто Друго е првото издание на новата едиција на книгоиздателството Темплум и на НВО Контрапункт наречена "Во пет кај вртелешките". Оваа едиција ќе биде профилирана со изданија за најмладите, сликовници од различни светски автори, кои пред сè обработуваат теми со кои ќе се развива свеста за слободното, индивидуално размислување, доживување, прифаќање и соочување со светот. Овие сликовници освен што ќе бидат наменети за најмладите, секако, можат со своите пораки и врвна графичка и ликовна опременост да бидат референтни за сите возраст и воопшто за промислувањето на многу етички димензии на индивидуалното и на колективното битие.
Сликовницата Нешто Друго е токму таков пример. Всушност, оваа сликовница е и дел од поголемата кампања што НВО Контрапункт ја води во рамките на својот проект "Слевање на маргините", кој се залага за афирмација на различност, прифаќање и промоција на интегративни иницијативи. Нешто Друго е повеќе наградувано издание насекаде во светот и е преведена на многу јазици. Веруваме дека оваа сликовница со својата лиричност но и отвореност за доста деликатната тема на Другоста ќе биде еднаков предизвик за најмладите и за возрасните.
Сведоци сме на таканаречените тотализирачки нарации со кои сè "мазнат" и се изедначуваат сите противречности со цел да се направат подобни. И токму затоа го избравме јазикот што го нуди сликовницата Нешто Друго: тоа е јазик кој функционира и оперира со алатките на она што се нарекува "отворено дело" и е еднакво успешно на две нивоа: и на ликовно и на ниво на јазична структура. Од една страна пред нас има крајно поедноставена, исклучително восприемлива, јазична структура, а од друга страна атакува извонредна психолошка слоевитост и живост на ликовно и содржински опишаните ситуации кои отворено, јасно и смислено го проблематизираат секој деликатен аспект што може да го има не само едно дете ами и сите ние заедно во симболичката размена со светот околу себе.
Нешто Друго, со својот експлицитен и прилично актуелен наслов дури може да претдендира за нов жанр во научните дисциплини, особено кога станува збор за оние блиски на комуникологијата и на политичката филозофија: Би рекле дека е ова суптилна и заводлива лирска студија за инхибирачките аспекти со кој може да се сретна една личност во текот на својот развој од најраното детство па до позната старост, студија со која ненаметливо ни се нуди толкување на еден нов, паралелен свет, различен од оној наметнатиот со општествените конвенции. На секоја страница во фантастична ликовна и јазична, содржинска симбиоза, која на моменти е изразено загадочна и метафорична, се среќаваме на внимателно избрани самоконфликтни и самозапрашани контексти што субјектот, во случајов суштеството по име Нешто Друго, со својот светоглед, ги доживува и, обидувајќи се да најде одговор за нив.
И во тоа свое патување, Нешто Друго, без двоумење би рекле дека  не само литерарно ами и психолошки применливо прво ги воспоставува, а потоа ги разобличува и вообличи со ново руво општествените стереотипи. И тоа го прави со опредметување на фантазмагорично поставените ликови. Нешто друго е специфичен начин и стил во кој се истражуваат, па дури со тенденција и искуствено да се практикуваат новите модели за доближување. Реалноста, како што велат некои современи мислители, е илузија и треба да се тежнее кон нејзино демаскирање. Во оваа сликовница го имаме обратниот процес - преку реалноста и живоста на измисленото ја демаскираме илузијата што ја живееме.
Сликовницата Нешто Друго, како и проектот Слевање на маргините се поддржани од Швајцарската програма за култура и од Фондацијата Институт отворено општество Македонија.
home