Ширење на маргините
ЗА ПРОЕКТОТ

Шчо напраивме и шчо требит да праиме за однапред

Во Мај 2000 започнавме со реализација на проектот Ширење на маргините, подржан од швајцарската фондација Pro Helvetia и Фондацијата Институт отворено општество Македонија.

За состојбите
Списанието Маргина, кое воедно е база на овој проект, со својот концепт и ориентација се обидува да ги истражи (но, мора да признаеме, некако теориски, бидејќи објективно немаше до сега баш простор за акција) уште од 1994-та одредниците што ги дава идејата за ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА. Се разбира, не е лесно теоријата да се активира во една средина, каква што е нашава, каде што владее застрашувачка културна централизираност и арбитрарност. Пропаднаа или се во инерција речиси сите културни институции димензионирани во нашето некогашно социјалистичко општество, а никакви други посериозни културни институции не се создадоа во меѓувреме. Во особено лоша состојба е внатрешноста на земјата, каде што не доаѓаат ни ронки од, ионака, скромната културна продукција на престолнината.

За намерите
Оттаму, заклучивме дека би требало она што е презентирано во Маргина како теориски став да почне да дејствува на "теренот" (што во некоја рака е оневозможено заради дистрибутивниот монопол, немањето алтернативна дистрибутивна мрежа, изолираноста и апатичноста на средината...).
Клучната цел на проектот
Ширење на Маргините е дифузија на културата и одредена деметрополизација. Имено, проектот вклучува зајакнување на самоиницијативата и зголемување на свеста за "преземање на работите во свои раце" како единствен начин да се излезе од мочуришната атмосфера на нашето општество, која особено се чувствува во внатрешноста (сe` повеќе напуштена од нејзините граѓани) на земјава. Во периодот од две години планирани се посети на повеќе градови Струмица (веќе во Мај организирацвме промоција на изданијата на Темплум и разговор, а на 24 Ноември беше отворена стрип изложбата СТРИП ВО ЛИФТ), Гевгелија, Прилеп, Битола, Тетово, Куманово, Штип, Охрид. Во секој од споменатите градови се планира зајакнување на локалните содржини преку разговори, промоции, изложби. На тој начин ќе се обидеме да воспоставиме мрежа која ќе ги поврзе актерите на уметничката сцена и ќе ја подобри циркулацијата на другите "алтернативни" културни содржини. Сега за сега се чини дека нема никаков проток на информации помеѓу Скопје и останатите градови, а и помеѓу самите градови во внатрешноста. Се надеваме дека сепак постојат начини да се надминат централизираноста, арбитрарноста, заостанатоста и неправедноста на постоечките односи на моќ во сферата на културата.
Значи, се обидуваме да ја подобриме дистрибуцијата на културните содржини (особено оние што не се на официјалните списоци за поддршка) и да ја зајакнеме позицијата на Маргина во која ќе бидат пласирани тие содржини. Цел на проектот се средбите, контактот, дружењето, комуникацијата помеѓу уметниците и јавноста.
Во јадрото на проектот лежи идејата за одредено афирмирање и расејување на содржините и на темите со кои ретко кој се бави: односот локално-централно, алтернативна наместо фосилизирана уметност, афирмација на разлики и малцински погледи... Истражувајќи го односот култура - општество - уметност (во акција) се надеваме дека ќе успееме ги поттикнеме луѓето да земат учество во оние области што можеби им се чинат далечни, сфаќајќи дека единствено со својот ангажман и со сопствената иницијатива можат да станат значаен дел од изградбата на имиџот на нивната заедница и култура. Сe` во име на демистификацијата на концептот на "висока" култура.

Што направивме
Резултати од зајакнувањето на иницијативата на локалните автори веќе се чувствуваат. Имено, после афирмацијата на проектот, сe` повеќе автори сакаат да учествуваат со свои прилози во Маргина (а ве очекуваме уште повеќе!) и сe` повеќе луѓе внатрешноста се заинтересирани и во нивната средина да се "прошират" импулсите на "маргините".
Најзначајниот чекор што сега за сега сме го направиле е изложбата СТРИП ВО ЛИФТ. Оваа (прва!?, во историски рамки?!) изложба на македонскиот стрип не е замислена премногу широко и нема намера да ги покрие сите стрип-пројави во Македонија, ниту во актуелниов миг, а уште помалку во некаква историска смисла. Но, самиот факт што стрипот кај нас баш и не е развиен, ниту пак има некаков логичен временски развој (поткрепуван со списанија, теориски текстови, публика...), на некој начин ни ја олесни работата, така што овие седумнаесет автори што ги претставуваме фактички - и во широчина и во длабочина, и квалитативно и квантитативно - ја претставуваат целокупната македонска стрип сцена.
Она што ги поврзува повеќето автори на оваа изложба (не сите!) е фактот дека во изминативе шест години објавуваа во списанието Лифт, замислено, пред сe`, како ревија за уметнички и алтернативен стрип.

Со овие 17 автори од каталогот не се затвора можноста на понатамошните изложби да бидат застапени и други автори; дотолку, токму ќе се потрудиме да го прошириме кругот на застапени автори, особено од средините каде што изложбата ќе биде поставена.

  Templum Картички Kirilica na web Hosted by Mol