НОВИТЕ

конкурс за најдобра дебитантска проза

Добитник на наградата за најдобар
дебитантски прозен ракопис
- НОВИТЕ!
за 2008 година е збирката раскази
Тритонус на авторот Дозгулпмус


Жири комисијата во состав Никола Гелевски (претседател на комисијата), Искра Гешоска (член) и Владимир Јанковски (член) ја донесе одлуката наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис да ја додели на збирката раскази „Тритонус“ од авторот Дозгулпмус.

„Тритонус“ е збирка раскази во која авторот пред сè ни нуди иронична перспектива на светот што го опкружува. Станува збор за проза која е лудистички расприкажана, маниристички украсена, фантазмагорично обоена.

Дозгулпмус е автор кој текстот го доживува како можност за игра. Играта се остварува на различни рамништа: преку пародија на актуелната стварност во која живееме (таков еден апсурдно-сатиричен одглас на нашата реалност можеме да прочитаме во расказот Кирка); преку поигрување со некои типични „македонски“ стереотипи (расказот Додека смртта не нè раздели); преку јазичните игри и зборовните пермутации (расказите Парите го вртат светот, Прашање, Хералд Ика, Крипта).

Најчесто авторот се обидува во своите текстови да го погледне светот од некоја испревртена гледна точка или, пак, да создаде свет кој ќе функционира според правилата на алогичноста, црниот хумор, претерувањето. Затоа позицијата на нараторот често е позиција на некој кој го набљудува и го опишува светот со луцидна разузданост. За Дозгулпмус книжевноста често е чин на карневалско преобразување на реалноста, на рушење на идејата дека светот е место во кое доминира рационалниот поредок и смисла. Затоа авторот речиси никогаш не е заинтересиран од расказот да направи текст со прецизно разработени ликови, со драмски ситуации кои следат некоја причинско-последична врска, со крај кој ќе функционира како смисловна поента. Како во некоја слика во која отсуствува перспективата, така и во овие раскази ликовите, идеите, метафорите се дадени во прв план, соголени, сирови. Визуелниот аспект на расказите е карактеристичен за надреалистичкото поимање на текстот – таква е и имагинацијата на авторот - а расказите на моменти наликуваат на необично патување низ свет заситен од чудни слики.

Дозгулпмус не е автор кој пишува надвор од рамките историјата на книжевноста. Овие релации најјасно се читаат во неговите куси раскази. На пример, во апсурдистичките рефлексии комбинирани со црн хумор можеме да го прочитаме влијанието на Данил Хармс, а во кусите „љубовни“ раскази (Масакр е типичен пример за оваа постапка) го гледаме цинизмот на еден Ден Роудс. Во македонската книжевност, поетиката на Дозгулпмус може да се поврзе со поетиката на Димитар Самарџиев.

Кога станува збор за квалитетот, слободно може да се каже дека кусите раскази во Тритонус се најквалитетните моменти во книгата – во овие раскази авторот е прецизен, духовит, а неговата фантазија делува свежо и креативно. Тоа не е карактеристично, на пример, за расказите кога авторот се обидува текстот да го обојува со лирски моменти – во овие ситуации текстот го кине прозното ткиво, и делува премногу расплинет. Но, овие моменти во расказите се ретки и не го нарушуваат целиот впечаток кој останува по читањето на книгата.

Затоа што општиот впечаток за книгата е дека станува збор за една смела, отворена збирка раскази, која со својот хумор и луцидност може да биде интересна за читателите во нашата земја.

На крајот, комисијата сака да истакне дека се надева оти објавувањето на оваа збирка раскази всушност ќе биде поттик за авторот да го развива своето творештво и во следната книга да постигне поголеми книжевни резултати.

Скопје, 25 декември 2008.

 
 
home