20vek.GIF (1128 bytes)

С О Д Р Ж И Н А

Никола Гелевски, Сила бога не моли?!
Никола Гелевски, Лебот, воздухот,
бодликавата жица и бомбите
Харолд Пинтер, Исповед на еден терорист
Џереми Скејхил, Садам и САД против Ирачаните
Едвард Саид, Судир на незнаењата
Клаус Кинцлер, За верскиот фундаментализам
Знаете ли...
Хана Арент, За моќта и насилството

 

Џереми Скејхил
Садам и САД против Ирачаните

Додека Доналд Рамсфелд говореше за опасноста што Ирак ја претставува за светот, за хемиското оружје, за диктатурата на Садам и за загрозените човекови права, и додека медиумите се трудеа приказнава да ја поткрепат со слични докази за оправданоста на нападот, еден американски новинар објави малку поинаков текст, потсетувајќи ги читателите и актерите како сé започна. Џереми Скејхил, новинар во електронски медиум кој е независно ориентиран, објави приказна за воспоставувањето на американско-ирачките односи во почетокот на осумдесеттите, кога во ирачко-иранската војна Америка согледа дека од големо значење би & било Ирак да не изгуби. Во тоа време специјален пратеник беше Доналд Рамсфелд.

Скејхиловиот текст содржи податоци за датумите, состаноците и соработката помеѓу Америка и Ирак, која се одвивала напоредно со извештаите на Обединетите нации за користењето хемиско оружје против иранските војници и цивили, за нападите на Курдите, за оружјето кое е купено од американски фирми, бидејќи Ирак е тргнат од листата на земјите со кои е забранета трговијата, како и за поклоните со кои, во име на тогашните претседатели, Рамсфелд го даруваше Садам.

“На Америка не и е гајле за хемиското оружје додека тоа се користи против луѓето кои ние не ги сакаме. Садам го користеше во времето кога & беше пријател на Америка, но за тоа нема да најдете ниту збор во медиумите. Во едно ‘пријатно’ интервју кое Рамсфелд го даде за CNN, во моментот кога му беше прикажана снимката на која е забележан самиот тој во посета на Садам, тој одговори ‘Кој ви го даде ова, Ирачката телевизија’, како тоа воопшто да беше важно”, вели Скејхил.

 

Да ја земеме нафтата

Џереми Скејхил престојува во Белград, каде беше и за време на бомбардирањата. Кон крајот на април 1999 година се најде во Њујорк на церемонијата за доделувањето на престижната награда за најдобри странски известувачи, но одби да ја прими во знак на протест заради тоа што неговите колеги реагираа со аплауз на веста дека е бомбардирана РТС.

За бомбардирањето на Југославија, како што вели, никој ништо не го прашал. Кога е Ирак во прашање, Американците се будат. Бушовата администрација не даде ниту еден доказ за тоа дека Ирак има каква било врска со 11 септември и со меѓународниот тероризам. Според Скејхиловите зборови, сé повеќе луѓе сфаќаат дека нафтената олигархија - Буш, Чејни, Рамсфелд и неколку други луѓе во администрацијата, кои имаат врски со големите компании - ќе заработи милиони во оваа војна. Мислам дека би имале повеќе поддршка ако отворено речат “Сакаме да ја земеме ирачката нафта за ние Американците да живееме подобро.” Барем би биле чесни.

 

Улиците на Багдад

Во меѓувреме, Ирачаните минуваат низ агонијата на долгогодишните санкции. Станува збор за профитерство, богатење на богатите и осиромашување на сиромашните. “Санкциите за Ирак се сто пати полоши од кои било други санкции. Нема лекови, недостига храна, луѓето едвај живеат, тоа се најужасните санкции во модерната историја. Луѓето кои имаат американски и британски дипломи сега продаваат по улиците на Багдад разни нешта. Не продаваат книги, накит, мебел, туку фрижидери и садопери. Бев во нивните куќи - нема ништо освен кревет и мала плинска боца, и ништо повеќе. Ирачката влада дава помош што може да се развлече најмногу на 20 дена, а преостанатите десет се гладува. Платата на лекарите е нешто помала од 10 долари, и тоа е добра плата, службениците имаат околу два до три долари. Ниту еден Ирачанец не се осмелува да го изговори она што го мисли за својот претседател, а не се осмелува да го изговори ни неговото име, не заради страв од апсење, туку од страв за животот.

Од друга страна, Багдад изгледа како многу поголем Белград. Индустријализираниот дел од градот има прекрасни мостови, кафеа, ресторани. Многумина го стекнале своето образование во Америка или во Британија. Целото ирачко водство, сите околу Садам, зборуваат англиски и имаат американски дипломи.”

Ширум Ирак се појавуваат сé повеќе фундаменталистички групи и десетгодишната постепена десекуларизација на земјата сé повеќе напредува, приближувајќи се до стандардите на околните држави, од кои Ирак некогаш се разликувал и по слободата која ја имале жените. Ирачанките, кои се образуваа, работеа, возеа коли, полека се повлекуваат, непишаните закони ги туркаат кон маргините. Ако пред десет години беше прифатливо да се облекуваат како сакаат и да не се покриваат, сега веќе не е.

На катедрата за англиски јазик од дваесет студентки само една не носеше бурка - и тоа затоа што беше христијанка. “Сите тие се многу паметни, одлично зборуваат англиски, ја разбираат политичката ситуација, можете за сé да разговарате. На крајот ме прашаа дали ги сакам Back street boys, кои се претставници на најужасната американска поп музика. Беа запрепастени кога им реков дека не ги сакам, па ме прашуваа за некои други музички поп ѕвезди за кои не бев чул. Ги прашав потоа што прават навечер, како се забавуваат. Ниту една не рече дека излегува, главно си одат една кај друга на посети. Се разбира, тие не би му рекле на ниту еден Американец дека не им се допаѓа што нивните татковци одлучиле тие да носат бурки и да не излегуваат, а имав впечаток дека самиот факт што ги прашав како се забавуваат им предизвика вознемиреност и дека почнаа да мислат ‘значи луѓето тоа го прават’. Се забавуваат и излегуваат само богатите, можат да се видат нови автомобили, BMW или порше, но тоа е сосема мала група богати луѓе. Популарни се видео лентите со провокативни содржини, но тоа е во тајност, не се зборува многу и се случува само по куќите.”

 

Ураниум

Ирачките болници се место каде би можела да започне приказната за јакнење на фундаментализмот, за антиамериканското расположение, за религијата, па дури и за местото на Садам во сето тоа.

Бројот на заболени од рак е зголемен во однос на почетокот на деведесеттите, за 300 одсто во јужен Ирак, бидејќи американските сили користат осиромашен ураниум кој се задржува во песокот, па и во воздухот и во храната. “Децата се раѓаат со деформации за какви не можете да поверувате дека постојат, а мислам дека се непознати за современата медицина. Се раѓаат без уста, со нос на средината на челото или со едно око на местото каде што треба да биде носот. Тие болници се најстрашното нешто кое можете да го видите. Заради санкциите не можат да увезуваат лекови, така што не можат да ги лечат ниту болестите кои се инаку излечиви. Видов деца кои умираат од вид леукемија што, всушност, може да се излечи во 90 посто од случаите, а таму шансите се помали од три посто. Лекарите на децата им даваат инјекции со вода за да им влеат барем малку надеж на родителите. Еден лекар кој од својата плата купува лекови на црниот пазар, ми рече: ‘Единствената разлика меѓу мене и пациентот е во тоа што имам бел мантил и знам како може да му се помогне, а тој нема бел мантил и не знае. Но ниту тој може нешто да направи и да се спаси, ниту пак јас можам нешто да направам и да го спасам.’ За сето тоа не го обвинуваат Садам туку Америка. Обично ме прашуваат: ‘Ние веќе страдаме, зошто американската влада ни го прави ова, зошто уште нé казнува?’ Тоа е југот на Ирак и таму се шиитите, за кои Америка вели дека ќе ги ослободи и ќе ги спаси. Буш смета дека тие ќе се кренат против Садам и дека ќе се борат заедно со Америка. Можеби тоа ќе го направеа пред 12 години, но сега тоа се стотици луѓе на кои им страдаа семејствата и кои платија најголема можна цена за американската политика. Сега заборавија колку го мразат Садам, бидејќи живеат казнети со санкции, бомби, со ураниум, а пред сé живеат губејќи ги своите деца.

Заради тоа сé повеќе се свртуваат кон религијата, бидејќи единствениот начин да не им дозволиш на Садам и на Америка да ти ја одземат надежта е да одиш во џамија и да се молиш верувајќи дека постои некоја виша сила, Алах кој ќе го благослови твојот живот.”

Садам Хусеин на својот народ му ја изгради најголемата џамија на светот. Џорџ Буш го критикуваше коментирајќи дека би можел тие пари да ги потроши на својот народ, што тој всушност и на некој начин го направи. “Тој сигурно не е најголемиот муслиман на светот, но е доволно паметен тип за да знае дека американската политика и неговата диктатура работат заедно, во негова корист. Го притискаат ирачкиот народ кој сега се свртува кон религијата. И тој мисли: ‘Ако луѓето стануваат религиозни, јас ќе ја изградам најголемата џамија на светот’, така што сега имате џамии низ цел Ирак, а и понатаму се градат.”

Американските медиуми не објавија дека петстотини муфтии, вклучувајќи ги и двајцата најважни во шиитскиот свет, прогласија фетва и повикуваа на џихад - сите муслимански верници повикани се да се борат против окупаторските сили. “Тоа треба да се земе како многу сериозно. Иако не е насочено кон цивили, Американците секој ден со работата на Бушовата администрација и со валканата војна стануваат сé помалку безбедни. Не би сакал да бидам американски војник кој оди во јужен Ирак. Не би сакал да стапнам ниту во некоја американска амбасада, зашто тоа не е добро место.

Еден мој пријател, Ирачанец, ми рече: ‘Знаеш, Џереми, еден ден твоите деца ќе мораат да се соочат со моите деца, а моите деца нема да бидат добро образувани како што беа Ирачаните од мојата генерација или оние пред неа. Тие ќе пораснат мразејќи ја Америка. Бидејќи Америка им ги уништи животите’. Го рече ова без никаква закана, туку само како констатација. И јас знам дека ќе биде така.” ³

home