|
Клаус Кинцлер
ЗА ВЕРСКИОТ
ФУНДАМЕНТАЛИЗАМ
Започна
седумдесеттите години
Историјата
на најновите фундаментализми,
која толку нè возбудува,
всушност започна во другата
половина на седумдесеттите
години. Французинот Жил Кепел во
својата книга Божјата одмазда ги
истакнува годините 1977, 1978, 1979,
како значајни за поновата
историја на фундаментализмот.
Тогаш настануваат решавачките
промени во јудаизмот,
христијанството и исламот.
1977 - На
мајските парламентарни избори
во Израел Израелската партија на
работата доживеа тежок пораз и
за прв пат во историјата на
израелската држава таа не
учествуваше во власта. Нов
премиер стана Менахем Бегин од
Ликуд блокот. Верските групи кои
дотогаш долго биле политички
маргинални, добија нов замав.
Причината може да се побара во
неуспехот на октомвриската
војна од 1973 година, која кај
жителите на Израел предизвика
длабока несигурност. Новата
власт во име на избраниот народ и
со нови притисоци од зајакнатиот
верски блок почна да основа
многубројни нови населби на
окупираните територии.
1978 - Во
септември таа година римската
конклава за поглавар на
Римокатоличката црква го избра
полскиот кардинал Карол Војтила.
Многумина католици очекуваа
дека неговиот избор ќе го означи
крајот на несигурноста која низ
Католичката црква се ширеше од
Вториот ватикански собор, но
всушност се засили влијанието на
десно насочените католици (да ги
споменеме само
традиционалистите околу
надбискупот Лефевр), додека лево
насочените католици, долго
сметани како совест на Црквата и
Соборот, постепено преминуваа во
дефанзива.
1979 -
Оваа година во исламскиот
календар го најавува почетокот
на 15-иот век. Таа започнува со
враќањето на ајатолахот Хомеини
во Техеран, во февруари, по што
уследи прогласувањето на
Исламската Република. Годината
завршува така што во ноември
една вооружена група луѓе на
јуриш ја освојува големата
џамија во Мека, како израз на
протест зашто светите градови се
наоѓаат под контрола на
саудиското кралско семејство. Со
еден потег целокупниот ислам
излезе пред очите на светската
јавност. Седумдесеттите години
ги одбележаа исламски движења од
Малезија до Сенегал, од
исламските советски републики
до европските метрополи, во
коишто живееја милиони
муслимански доселеници.
1980 -
Во овој контекст можеме да ја
додадеме и 1980 година. Оваа година
Роналд Реган беше избран за
американски претседател.
Аналитичарите на изборите
набрзо заклучија дека
изненадувачката победа на Реган
најмногу е остварена
благодарение на пропагандата на
фундаменталистичките групи во
САД, од типот на Moral
Majority, група
основана 1979 година.
Дефиниција на
фундаментализмот
Томас
Меер вака го дефинира
современиот фундаментализам: „Фундаментализмот
е самоволно сепаратистичко
движење кое - како постојана
спротивност на модерниот процес
на општо отворање во
размислувањето, дејствувањето,
начините на живот во општествата
- треба да ги поврати апсолутната
сигурност, цврстото упориште,
убедливата заштита и јасната
ориентација по пат на
ирационална осуда на сите
алтернативи.
Фундаментализмот
е свесно бекство од
индивидуалното размислување, од
сопствената одговорност, од
обврската за докажување, од
несигурноста и отвореноста на
сите важечки права, од
суверените потврди и животни
форми, на коишто мислењето и
животот низ просветување во
современиот свет неповратно се
изложени, во сигурноста и
затвореноста на самоизбраните
апсолутни фундаменти. Пред нив
престануваат сите прашања,
бидејќи тие даваат апсолутно
упориште... Кој не се држи до нив,
веќе не заслужува никакво
разбирање за своите аргументи,
сомнежи, интереси и права.“
Верскиот
фундаментализам
Фундаментализмите
често се мешаат. Што е верски
фундаментализам? Политичкиот
фундаментализам, на пример,
неретко делува како верски, а тој
всушност не е таков. Исто така е
точно дека и верскиот
фундаментализам обично тежнее
кон моќ и влијание во политиката
и државата. Што, меѓутоа, притоа
навистина е верско, а што доаѓа
од други извори?
Што
воопшто е фундаментализмот?
Историски гледано, поимот
потекнува од 19-иот век, од
верското движење во Соединетите
Американски Држави. Дали тоа
значи дека коренот на секој
фундаментализам е верски?
Сигурно не. Што е тогаш верскиот
фундаментализам? Би било
премногу штуро кога би рекле
дека фундаментализмот е сè
она што самото како такво се
декларира: фундаменталистите во
САД, неколку независни
протестантски цркви во Европа,
исламските фундаменталисти... Не
секогаш сите тие кои себе се
нарекуваат фундаменталисти се
припадници на она што го
посматраме како верски
фундаментализам. „Фундаментализмот“
во исламот најпрвин означува
одредена насока во науката за
исламот (усулијан). Притоа
исламските теолози се
занимаваат со праизворите и
фундаментите (усул) на својата
религија, Коранот и Суната. Тие
теолози, меѓутоа, едновремено
можат да бидат наполно отворени
за други религии и култури. Нив
никако не треба да ги мешаме со
радикалните исламски политички
групи или партии кои себе исто
така се нарекуваат
фундаменталистички, а познати се
пред сè по насилството. Тука
најпосле имаме и многумина на
коишто нашето одредување „фундаменталистички“
најмногу се однесува, но кои не
сакаат да бидат така нарекувани.
На крилјата на
политиката
Понатамошниот
развој на фундаментализмот во
Америка настанува преку
неговото поврзување со
политиката. Џери Фалвел од 1984
година се залага за отворен
сојуз помеѓу фундаменталистите
и републиканските
неоконзервативци. Ова движење во
Америка ја препознава посебната
порака на Господ кон светот. Така
Christian Voice,
организација која им припаѓа на
Новите десничари, во едно
циркуларно писмо наведува: „Американците
како народ и како нација во
својата куса историја беа жители
на најмоќната - и можеби
последната - голема татковина на
верата. Меѓу народите на светот
тие се познати како христијанска
нација. Од тоа, се разбира,
произлегува дека Америка и
нејзините луѓе ќе бидат посебна
мета на нападите на Сатана кога
тој ќе се обиде да ја проголта
планетата и сите коишто туку
живеат.“
Посебен
печат даде администрацијата на
Реган. Таа очигледно склопи нов
сојуз меѓу политиката,
фундаменталистичкото движење и
неговите промотер по медиумите.
Кога Роналд Реган во 1980 година за
многумина неочекувано беше
избран за претседател на САД,
аналитичарите на изборот сметаа
дека за тоа се заслужни
фундаменталистичките духовници
и медиумските проповедници,
бидејќи тие го придвижија
десниот конзервативен
протестантски блок. Зад нив
застанаа пред сè верско-политичките
движења во рамките на
организацијата Moral
Majority и
новоформираната New
Right. Тој
контекст најмногу е заслужен
зошто фундаментализмот
опстојува на светската
политичка сцена, иако според
многубројни претходни прогнози
тој всушност требаше да исчезне.
Во иста мера е пораснато и
неговото политичко значење кое
во Америка особено не смее да се
потцени ни денес.
Фундаментализмот
стана политички. Еден број
фундаменталисти живо ја
поздравија Регановата политика.
Во прилог кон тоа еве еден извод
од познатата книга на еден
угледен германски
фундаменталист: „Реган од
почетокот знаеше што сака кога
се определи против теоријата за
потеклото на видовите, против
абортусот и за молитви по
училиштата. Лично Бог неговата
храбра политика ја беше заштитил
од неуспех. (В. Гит, Фундамент,
стр. 165). Роналд Реган го
искористи поволното предизборно
расположение и ја прифати
понудата. Така на еден изборен
собир на унијата National
Association of Evangelicals,
тој рече: „Верувам дека ТОЈ
почна да ја лекува нашата
благословена земја...“; или на
едно друго место: „Се чини дека
Америка ја загубила својата
верска и морална сила - ги
заборавила верата и вредностите
што нè направија добри и
големи... Но Семоќниот, кој ни ја
даде оваа голема земја, ни ја
даде и слободната волја - моќта
пред Бога да ја избираме својата
судбина. Американците решија да
го сопрат долгото пропаѓање,
пред нашата земја денес одново
се раѓаат слободата и верата -
големата национална обнова.“
Во
меѓувреме фалангата на
фундаменталистичко-политичките
движења значително се прошири:
Џери Фалвел стои зад движењето Moral
Majority и
Liberty Federation; Џим
Свагарт и Пат Робертсон се во
коалиција со движењата како што
се Amerikan Coalition for
Traditional Values, American Conservative Union, Equal
Rights Amandement, Pro Family Movement, Christian Voice и
други. Темите со кои тие се
занимаваат ги опфаќаат:
заштитата на семејството и
борбата против феминизмот и
рамноправноста на жената,
забраната за порнографија,
кривичното гонење на
хомосексуалците, извршувањето
на смртната казна, палењето и
поставувањето бомби во
клиниките за абортуси итн.
Накусо, за
најважните теми и цели на овој
американски вид на
фундаментализам може да се каже
дека се засновани на верски
нагласениот патриотизам, на
залагањето за капиталистичкиот
систем и за приватната
сопственост, на моралната
строгост и острите граници
помеѓу доброто и злото. Во склад
со тоа во негови проколнати
непријатели спаѓаат: „модернизмот,
секуларниот хуманизам,
еволуционизмот, критиката на
Библијата, социјализмот и
комунизмот“. ³
|