Политички зборувајќи,
недоволно е да се каже дека моќта
и насилството не се исто. Моќта и
насилството се спротивности;
таму каде што едното владее,
другото е отсутно. Насилството
се јавува таму каде што моќта е
загрозена, но ако е препуштено на
сопствениот тек тоа ќе доведе до
тоа моќта да исчезне. Ова
имплицира дека не е исправно да
се мисли дека ненасилството е
спротивно на насилството; да се
зборува за ненасилната моќ
всушност е излишно. Насилството
може да ја уништи моќта; тоа е
потполно неспособно да ја
создаде.
Монополизацијата на моќта
предизвикува исушување или
истекување на сите автентични
извори на моќта во земјата. Во
САД, кои се засновани врз голем
плуралитет на моќите и врз
нивната взаемна контрола и
рамнотежа, соочени сме не само со
дезинтеграција на структурите
на моќта, туку и со моќта која,
привидно сè уште недопрена и
слободна да се искажува, слабее и
станува неделотворна. Да се
зборува за немоќта на моќта веќе
не е духовит парадокс.
Ние не знаеме каде ќе нè
однесе сево ова, но знаеме, или би
требало да знаеме, дека секое
намалување на моќта е отворен
повик за насилство; ако не за
друго тогаш затоа што оние кои ја
држат моќта а чувствуваат дека
таа им се измолкнува од раце -
било тоа да е владата или оние со
кои се владее - тешко му се
опираат на искушението моќта да
ја заменат со насилство.
(On Violence, 1969)